Општина Бутел влегува во силно градежно лето исполнето со висок интензитет и динамична реализација на ветените проекти во речиси сите населени места. Како што објави градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, меѓу клучните капитални инвестиции кои ќе го одбележат овој период е почетокот на изградбата на новата поликлиника, која долго време беше едно од главните барања на локалното население.
Покрај здравствената инфраструктура, општината става силен акцент на згрижувањето на најмладите преку изградба на три нови детски градинки (во Бутел 1 во дворот на ООУ „Св. Климент Охридски“, во Бутел 2 и во Визбегово). Паралелно, со буџет од 150.000.000 денари се реализира масовна реконструкција и асфалтирање на патиштата за рамномерен развој на сите населби.
Веќе се целосно обновени улиците „Боро Кралевски“, „Натанаил Кучевишки“, „Боро Менков“, „Ангел Мојсовски“, „Љубинка Басотова“, „Александар Грличков“, како и улиците „2“, „21“ и „1558“, а наскоро започнува и санација на улиците „Марко Крале“, „Костурска“ (заедно со два големи паркинга), „Бетовенова“ и крак на „Боро Менков“.
Во делот на образованието и рекреацијата, со забрзано темпо напредува изградбата на затворениот пливачки базен и надградбата на ООУ „Ацо Шопов“, а нови енергетски фасади ќе добијат училиштата „Св. Климент Охридски“ и „Петар Здравковски Пенко“. Исто така, се реконструира спортската сала и се подготвува доградба во ООУ „Панајот Гиновски“.
Жителите во Скопје Север ќе добијат целосно обновени 60 пристапни патеки до станбените згради. Од капиталните комунални проекти, одлична динамика бележи изградбата на водоводот за Љубанци и Љуботен, уредувањето на коритото на реката Серава со нова пешачка патека, изградбата на два нови моста на Серава, финализирањето на новиот парк на булевар „Христијан Тодоровски Карпош“, како и спортско-рекреативните центри во Радишани, Кучевачка Бара и на улица „Бетовенова“







