Стопан Лого
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Квиз
Контакт
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Контакт
Услови
За Нас
Импресум

Македонија

Пуштен во употреба нов фризерско-козметички кабинет за учениците од СУГС „Димитар Влахов“
Пуштен во употреба нов фризерско-козметички кабинет за учениците од СУГС „Димитар Влахов“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска свечено го пушти во употреба опремениот фризерско-козметички кабинет наменет за практична настава на учениците од средното училиште на Град Скопје „Димитар Влахов“. Новиот простор за практична обука е лоциран на булеварот „Партизански одреди“ во трговскиот комплекс „Лептокарија“. Кабинетот е опремен според професионални стандарди и располага со шест фризерски работни места, две берберски позиции, две места за шминкање, како и комплетна опрема за маникир и козметички третмани. Со ова им се овозможува на учениците во реални услови да ги усовршуваат фризерските и козметичките техники под менторство на нивните професори. Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека отворањето на овој кабинет претставува значајно вложување во стручното образование и стимул за младите да ги развиваат своите вештини и да се подготвуваат за пазарот на труд. Особена карактеристика на новиот простор е што, во рамките на практичната настава, учениците ќе им нудат фризерски и козметички услуги по субвенционирани цени на учениците од останатите средни училишта во Скопје. Со ова се овозможува дополнително искуство во работата со клиенти и промоција на стручните занимања меѓу младата популација.
Потврдено постоењето на доцноантички мозаик на локалитетот Пеленица кај Драчево
Потврдено постоењето на доцноантички мозаик на локалитетот Пеленица кај Драчево
Археолошките истражувања кои НУ Национален археолошки музеј ги започна на 28 октомври резултираа со потврда на историските податоци за постоење мозаик на локалитетот Пеленица во близина на скопската населба Драчево. За време на ископувањата е откриен доцноантички полихромен мозаик изработен во техниката opus tessellatum, како и керамички артефакти и монета кои датираат од истиот временски период. Откриениот дел од мозаикот засега е регистриран на периферните делови од истражуваната површина, а финалните анализи треба да го дефинираат неговиот целосен обем и архитектонскиот контекст на објектот. Проектот се реализира со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода, во соработка со НУ Конзерваторски центар - Скопје и со поддршка од црквата „Св. Спас“ во Драчево. Археолошкиот локалитет го посетија градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, директорката на Националниот археолошки музеј, Магдалена Манаскова, и пратеничката Велика Стојкова Серафимовска. Стручната екипа ја предводи м-р Радомир Ивановиќ, виш кустос во Музејот, заедно со археолози и конзерватори од Археолошкиот музеј, Конзерваторскиот центар - Скопје и Институтот за старословенска култура - Прилеп. Според најавите, на локалитетот следува спроведување геофизички истражувања во дворот на манастирскиот комплекс, додека за следната година е планирана реализација на соодветни конзерваторски зафати за заштита на пронајдоците.
Општина Кавадарци подготвува нов инфраструктурен проект за директна врска со автопатот Е-75
Општина Кавадарци подготвува нов инфраструктурен проект за директна врска со автопатот Е-75
Општина Кавадарци, во соработка со Градежниот факултет во Скопје и професорите од Катедрата за патишта, започна активности за изнаоѓање ново сообраќајно решение за поврзување на градот со коридорот Е-75. Проектот предвидува спојување на Северниот булевар, градската обиколница и автопатот, со цел подобрување на протокот на сообраќајот и зголемување на патната безбедност во регионот. Во рамките на оваа соработка, на Градежниот факултет беше одбранет магистерскиот труд на Душко Грозданов од Кавадарци, во кој се анализирани три можни варијанти за поврзување на обиколницата со автопатот Е-75 преку клучката кај винаријата „Лазар“, како и со влезот во градот и Северниот булевар. Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, посочи дека додека градската обиколница се наоѓа во завршна фаза на проектирање, Општината паралелно преминува кон разгледување на опциите за реализација на новото сообраќајно коридорско поврзување. Следниот чекор на општинските служби ќе биде спроведување детална анализа на понудените три варијанти од магистерскиот труд, по што Општина Кавадарци ќе донесе одлука за избор на најповолната траса за изработка на конечниот проект и почеток на градежните активности.
Полскиот нуркач Бартломиеј Питала прогласен за почесен граѓанин на Скопје по рекордот во пештерата Врело
Полскиот нуркач Бартломиеј Питала прогласен за почесен граѓанин на Скопје по рекордот во пештерата Врело
Советот на Град Скопје донесе одлука за прогласување на полскиот нуркач Бартломиеј Питала за почесен граѓанин на Градот Скопје. Признанието му се доделува за остварениот историски спортски и истражувачки подвиг за време на меѓународната експедиција „Врело 2026“, во чии рамки Питала се спушти на длабочина од 338 метри под водата во подводната пештера Врело на Матка. Со постигнувањето на оваа длабочина, остварено во соработка со нуркачки тимови од Македонија, Полска и Италија, пештерата Врело официјално стана најдлабоката подводна пештера во светот истражена од човек. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, посочи дека овој успех претставува значаен придонес за меѓународната промоција на природните убавини на македонската престолнина. Според него, поставениот рекорд отвора нови можности за привлекување туристи, нуркачи и научни истражувачи од целиот свет. Ѓорѓиевски од свое име и од името на Советот изрази благодарност до Питала и целата експедиција, истакнувајќи дека доделувањето на титулата почесен граѓанин е израз на почит за промоцијата на градот и поместувањето на границите во подводните истражувања.
Базенот во Полициската академија во Идризово е реновиран и ставен во функција по 15 години
Базенот во Полициската академија во Идризово е реновиран и ставен во функција по 15 години
Базенот во рамките на Полициската академија во Идризово е целосно обновен и повторно ставен во функција за потребите на Министерството за внатрешни работи по повеќе од 15 години запуштеност. За реализација на овој проект се издвоени околу околу 92 илјади евра, а градежните и санациските активности се завршени за неполни три месеци. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски го посети објектот, каде што се вршеше проверка на пливачките способности на кандидатите за прием во Специјалната антитерористичка единица „Тигар“. Министерот истакна дека со оваа инвестиција се става крај на долгогодишната негрижа и им се овозможува на сегашните и идните полициски службеници соодветен простор за професионална обука и одржување на физичката форма. Обновениот базен ќе се користи за редовна обука на кандидатите за полициски службеници, специјализирани тренинзи на посебните единици, спасувачки вежби и тестирања. Инаку, овој објект има и културно значење, бидејќи во него во 1977 година се снимани сцени за култниот македонски филм „Исправи се, Делфина“, посветен на маратонското пливање и подвигот на Атина Бојаџи. Реконструкцијата на базенот е дел од поширокиот циклус за модернизација на полициската инфраструктура и опрема. Во изминатиот период е обновен комплексот во Идризово, повторно е воведено Средното полициско училиште, набавени се нови службени возила, а во следната фаза е предвидено и испорачување на нови, ребрендирани полициски униформи.
Пуштена во употреба новата детска градинка „Ѕвездички“ во Општина Кисела Вода
Пуштена во употреба новата детска градинка „Ѕвездички“ во Општина Кисела Вода
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски денеска свечено го отворија новиот објект „Ѕвездички“, кој претставува прва детска градинка во населбата Потстаница. Некогаш руинираниот објект е целосно реконструиран и пренаменет во современ воспитно-образовен простор. Новиот објект располага со почетен капацитет за згрижување на 40 деца на возраст од две до шест години, распоредени во две современи занимални, со можност за идно проширување. Објектот е опремен и со современа чајна кујна, а во тек е и завршното партерно уредување на дворот. Опремувањето со нов мебел, дидактички материјали, постелнина и комплетна кујнска опрема е реализирано преку грант од Светска банка, во соработка со ресорното Министерство. Проектот за реконструкција е изведен со поддршка од Владата на Република Македонија, при што беше истакната и улогата на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој ги започна првичните активности за време на неговиот мандат како градоначалник на Општина Кисела Вода. Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, посочи дека примарниот фокус на централната и локалната власт останува обезбедувањето подобри услови за најмладите, зголемувањето на капацитетите во детските установи и поддршката за семејствата. Отворањето на градинката во Потстаница е дел од поширокиот инвестициски циклус во Кисела Вода, каде што претходно беше отворена градинката „Верверичка“ и темелно реновиран објектот „Кокиче“. Во следната фаза се планира и пуштање во употреба на новата градинка во населбата Расадник со капацитет за над 100 деца. Со реализацијата на овие проекти, Општина Кисела Вода се приближува до целосно затворање на листите за чекање за упис во детските градинки.
Град Скопје започна со доделување на бесплатни униформи за сите средношколци од прва година
Град Скопје започна со доделување на бесплатни униформи за сите средношколци од прва година
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, при посетата на средното училиште „Раде Јовчевски - Корчагин“ го означи почетокот на реализацијата на проектот за доделување бесплатни униформи за сите ученици од прва година во средните училишта под надлежност на градот. Првата пратка е веќе доставена до училиштето, а униформите се изработени од 100 проценти памучен материјал согласно предвидените стандарди за квалитет. Основната цел на оваа мерка е намалување на видливите социјални разлики меѓу учениците и олеснување на финансискиот притисок врз семејните буџети. Од локалната самоуправа истакнуваат дека обезбедувањето униформи придонесува за создавање училишна средина заснована врз еднаквост и прифаќање, со што директно се пресретнуваат и превентивно се делува врз појавите на дискриминација и врсничко насилство (булинг) врз основа на социјалниот статус или облеката. При презентацијата на проектот нагласено е дека оваа поддршка е дел од пошироката стратегија на Град Скопје за инвестирање во младите и модернизација на образовните институции. Во изминатиот период, средните училишта се опремени со нови информатички кабинети, интерактивна технологија, смарт табли, современи училишни клупи и столчиња, како и нови дидактички материјали. Дополнително, продолжуваат вложувањата во изградба и реконструкција на спортски терени и фитнес зони за поддршка на физичкиот развој на средношколците.
Лукровски и Велковски во увид на градежните работи: Новата градинка „Пролет 2“ во Козле ќе згрижи 146 деца
Лукровски и Велковски во увид на градежните работи: Новата градинка „Пролет 2“ во Козле ќе згрижи 146 деца
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, извршија теренски увид во градежните активности за изградба на новата детска градинка „Пролет 2“, сместена во населбата Козле. Според соопштението од општинските служби, градежните работи се одвиваат со засилена динамика, а новиот капиталн објект е проектиран да обезбеди современи услови за престој и згрижување на вкупно 146 деца, целосно усогласени со пропишаните стандарди за детска заштита. Новиот детски објект се простира на повеќе нивоа и располага со 1.100 квадратни метри приземна површина наменета за сместувачки капацитети, дополнителни 1.000 квадратни метри на првиот кат за згрижување на децата, како и подземен паркинг простор од 600 квадратни метри придружен со помошни простории. По завршувањето на теренскиот увид, во општинската зграда на Карпош е одржана работна средба меѓу градоначалникот Лукровски, министерот Велковски и претставниците на стручните сектори од двете институции. Во рамките на одржаниот работен состанок се разгледани тековните предизвици и потреби во областа на социјалната политика, со посебен фокус врз можностите за реализација на нови заеднички проекти меѓу Општина Карпош и ресорното Министерство. Разговарано е и за унапредувањето на условите во претшколските установи, како и подобрувањето на стандардите за престој на повозрасните граѓани во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ во Бардовци. Општинското раководство истакна дека вложувањата во најмладите и грижата за пензионерите остануваат главен приоритет во деловната програма на Општината, при што поддршката од централната власт е од клучно значење за одржлив урбан и социјален развој на сите населени места во Карпош.
Во Општина Бутел пуштен во употреба мега парк на површина од 50 илјади квадратни метри
Во Општина Бутел пуштен во употреба мега парк на површина од 50 илјади квадратни метри
Во Општина Бутел официјално е ставен во функција новиот мега парк „Бутелска оаза“, кој се простира на површина од 50.000 квадратни метри. Според градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, просторот што во минатото функционираше како неодржувана депонија и за кој беа предвидувани градежни активности за висококатници, е пренаменет во зелена рекреативна зона за потребите на жителите на оваа општина. Проектот опфаќа зелени површини со над 650 нови дрвја, нов плоштад, детски катчиња со реквизити за најмладите, уредени пешачки патеки и современи фитнес зони за рекреација. За да се обезбеди долгорочна одржливост и заштита на вегетацијата, целиот парк е опремен со сопствен систем за наводнување со техничка вода. Просторот е целосно прилагоден за сите генерации, нудејќи содржини за детски игри, дружење на младите, семејни прошетки и спокоен одмор за пензионерите. Проектот е реализиран во обем поголем од првично планираните димензии во локалните програми и изградбата на паркот е завршена во текот на првата година од тековниот мандат. Уредувањето на овој простор има за цел намалување подобрување на квалитетот на воздухот и обезбедување јавни површини наменети за сите возрасни категории граѓани.
Митко Јанчев со отчет за една година работа: Кавадарци реализираше големи капитални инвестиции
Митко Јанчев со отчет за една година работа: Кавадарци реализираше големи капитални инвестиции
Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, објави детален отчет за остварените резултати и започнатите капитални проекти во изминатата година. Според извештајот, локалната самоуправа реализираше значајни вложувања во спортската инфраструктура, патната мрежа, водоснабдувањето, социјалната заштита, енергетиката и заштитата на животната средина, со финансиска поддршка од централната власт, ресорните министерства и сопствениот општински буџет. Спортот и рекреацијата се во фокусот на општинските активности, при што целосно е реконструиран градскиот базен со инвестиција од еден милион евра обезбедени преку Вториот јавен повик на Владата, а започна и изградбата на современ затворен базен вреден 1,2 милиони евра финансиран од Министерството за спорт. Дополнително, преку владиниот повик се реализираат и нов СПА центар вреден 500 илјади евра, картинг центар од околу 585 илјади евра и повеќенаменски спортски центар „Јасмин“ во кој се инвестираат околу 1,91 милиони евра. За спортскиот капацитет во селото Марена се издвоени околу 357 илјади евра. Во делот на патната и урбаната инфраструктура се реализирани неколку сообраќајни проекти, меѓу кои целосното уредување на улицата „Вељко Влаховиќ“ со околу 315 илјади евра во соработка со Министерството за животна средина, изградбата на нови краци на улицата „Ѓорѓи Соколов“ вредни околу 422 илјади евра и кружниот тек на Северен булевар во вредност од околу 617 илјади евра со поддршка на „Лидл“. Изграден е и нов мост меѓу Марена и Сопот за околу 195,12 илјади евра, како и нов кеј на реката Луда Мара до Општата болница, инвестиција вредна еден милион евра. Улицата „Задругарска“ е реконструирана со околу 81 илјади евра. Значајни средства се насочени и кон унапредување на водоснабдувањето, каде преку Министерството за транспорт се обновени водоводните цевководи Страгово - Крњево во вредност од околу 357 илјади евра и Западен булевар - Сопот со околу 601 илјади евра. Во Моклиште се изгради нова водоводна и канализациска мрежа вредна околу 829 илјади евра, фекалниот колектор на булеварот „Видое Смилевски“ се реконструираше со околу 146 илјади евра, а се монтирани и 2.500 нови водомери. На полето на енергетиката и екологијата започна првата фаза од гасификацијата на Кавадарци во вредност од околу 585 илјади евра, а поставени се фотоволтаични системи на 12 јавни установи со моќност од 355 киловати. Кавадаречки Дол се трансформира во нова зелена урбана целина со покривање на долот во должина од 760 метри и озеленување на 15.000 квадратни метри. За поддршка на локалните земјоделци е изграден нов Био пазар вреден околу 520 илјади евра, а во Дреново се изгради повеќенаменски објект со околу 487 илјади евра. Пешачко-велосипедската патека Глишиќ - Марена чинеше околу 178 илјади евра, а градинката во Сопот беше опремена со нов објект вреден околу 47 илјади евра. Изграден е Дневен центар за лица со попреченост вреден околу 666 илјади евра, нов Дом за стари лица со 55 легла, за кој Министерството за социјална политика издвои околу 2,60 милиони евра, и Нов Младински центар вреден еден милион евра. За туристички развој е обезбеден и грант од 50 илјади долари за документација за велосипедска патека до Тиквешкото Езеро.
Следна
Најнови
Економија
Финансии
Македонија
Регион
Свет
Услови
За Нас
Импресум
Сите права задржани 2026 © Stopan.mk