Кисела Вода го стартува проектот „Безбедно домување“ за поголем ред и сигурност во зградите

Кисела Вода го стартува проектот „Безбедно домување“ за поголем ред и сигурност во зградите

Општина Кисела Вода започна со реализација на новиот проект „Безбедно домување“, кој е наменет за надминување на секојдневните предизвици со кои се соочуваат заедниците на станари, куќните совети и лиценцираните управители на станбени згради. Иницијативата ја претстави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

Проектот е резултат на одржаната работна средба со претставниците на куќните совети, на која учествуваа општинските инспекциски служби и претседателот на Регулаторната комисија за домување, Никола Затуроски. За време на дискусијата се дефинирани главните приоритети за подобрување на условите за живеење во колективните станбени објекти.

Како основни приоритети во рамки на проектот се издвоени редовната проверка и одржувањето на заедничките простории, противпожарната безбедност и обезбедувањето постојана проодност на евакуациските патишта во зградите. Дополнително, се става акцент на брзата реакција при оштетувања и доследното почитување на Законот за домување.

За да се овозможи институционална и брза комуникација, Општината отвори посебна електронска адреса: bezbednodomuvanje@kiselavoda.gov.mk. Преку овој директен канал, граѓаните, куќните совети и управителите ќе можат брзо да пријавуваат проблеми и да комуницираат со општинските инспекциски служби со цел воведување посериозен ред и сигурност во сите станбени објекти на територијата на Кисела Вода.