Спасен измачениот коњ во Кавадарци: Животното е одземено од сопствениците

Спасен измачениот коњ во Кавадарци: Животното е одземено од сопствениците

Случајот со измачениот коњ кој се струполи на улица во Кавадарци ја вознемири јавноста и предизвика бурни реакции поради нехумано постапување и изложување на животното на страдање, заврши со успешна спасувачка акција и одземање на коњот од досегашните сопственици.

Првичната помош на терен ја пружила хумана сограѓанка која веднаш го ослободила паднатиот коњ од каишите и железните конструкции, обезбедувајќи му вода и храна. По добиената пријава, на терен веднаш излегле припадниците на МВР од Полициската станица Кавадарци, како и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), под чија надлежност е постапувањето за благосостојба и заштита на животните.

Благодарение на заедничките активности на полицијата, АХВ и граѓанските активисти, коњот е трајно одземен од сопствениците со што е спречено негово натамошно малтретирање.

Градоначалникот Митко Јанчев и Општина Кавадарци упатија благодарност до Агенцијата за храна и ветеринарство, полицијата и сите совесни граѓани кои помогнаа во случајот. Од општината упатија и апел до јавноста да не се премолчува ниту еден облик на суровост и секое малтретирање на животни веднаш да се пријавува до надлежните органи за навремено постапување.