Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, извршија теренски увид во градежните активности за изградба на новата детска градинка „Пролет 2“, сместена во населбата Козле.
Според соопштението од општинските служби, градежните работи се одвиваат со засилена динамика, а новиот капиталн објект е проектиран да обезбеди современи услови за престој и згрижување на вкупно 146 деца, целосно усогласени со пропишаните стандарди за детска заштита.
Новиот детски објект се простира на повеќе нивоа и располага со 1.100 квадратни метри приземна површина наменета за сместувачки капацитети, дополнителни 1.000 квадратни метри на првиот кат за згрижување на децата, како и подземен паркинг простор од 600 квадратни метри придружен со помошни простории. По завршувањето на теренскиот увид, во општинската зграда на Карпош е одржана работна средба меѓу градоначалникот Лукровски, министерот Велковски и претставниците на стручните сектори од двете институции.
Во рамките на одржаниот работен состанок се разгледани тековните предизвици и потреби во областа на социјалната политика, со посебен фокус врз можностите за реализација на нови заеднички проекти меѓу Општина Карпош и ресорното Министерство. Разговарано е и за унапредувањето на условите во претшколските установи, како и подобрувањето на стандардите за престој на повозрасните граѓани во Домот за стари лица „Мајка Тереза“ во Бардовци.
Општинското раководство истакна дека вложувањата во најмладите и грижата за пензионерите остануваат главен приоритет во деловната програма на Општината, при што поддршката од централната власт е од клучно значење за одржлив урбан и социјален развој на сите населени места во Карпош.

