Нови животни во ЗОО Битола: Африканска мачка, птици, берберска овца и американски ракун

Нови животни во ЗОО Битола: Африканска мачка, птици, берберска овца и американски ракун

Зоолошката градина во Битола е побогата за неколку нови животински видови, како резултат на успешната соработка и меѓуинституционално пријателство со Зоолошката градина од Белград. Новите жители веќе се пристигнати во нивните нови живеалишта и се наоѓаат под будното око на стручниот ветеринарен тим.

Меѓу пристигнатите видови се африканскиот сервал, бувот, егзотичниот свет ибис, берберската овца, како и американскиот ракун. Од битолската зоолошка градина истакнуваат дека ваквите меѓународни размени и соработки се од суштинско значење за збогатување на животинскиот фонд, унапредување на условите и подобрување на едукативната содржина за посетителите.

Сите новодојдени животни успешно го минале патниот транспорт и се веќе сместени во соодветно уредените живеалишта, каде што се приспособуваат на новата средина. Раководството на Зоо Битола упати јавна покана до сите граѓани и љубители на животните да ја посетат установата во текот на претстојниот викенд и лично да им посакаат топло добредојде на новите жители.