Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, објави детален отчет за остварените резултати и започнатите капитални проекти во изминатата година. Според извештајот, локалната самоуправа реализираше значајни вложувања во спортската инфраструктура, патната мрежа, водоснабдувањето, социјалната заштита, енергетиката и заштитата на животната средина, со финансиска поддршка од централната власт, ресорните министерства и сопствениот општински буџет.
Спортот и рекреацијата се во фокусот на општинските активности, при што целосно е реконструиран градскиот базен со инвестиција од еден милион евра обезбедени преку Вториот јавен повик на Владата, а започна и изградбата на современ затворен базен вреден 1,2 милиони евра финансиран од Министерството за спорт.
Дополнително, преку владиниот повик се реализираат и нов СПА центар вреден 500 илјади евра, картинг центар од околу 585 илјади евра и повеќенаменски спортски центар „Јасмин“ во кој се инвестираат околу 1,91 милиони евра. За спортскиот капацитет во селото Марена се издвоени околу 357 илјади евра.
Во делот на патната и урбаната инфраструктура се реализирани неколку сообраќајни проекти, меѓу кои целосното уредување на улицата „Вељко Влаховиќ“ со околу 315 илјади евра во соработка со Министерството за животна средина, изградбата на нови краци на улицата „Ѓорѓи Соколов“ вредни околу 422 илјади евра и кружниот тек на Северен булевар во вредност од околу 617 илјади евра со поддршка на „Лидл“.
Изграден е и нов мост меѓу Марена и Сопот за околу 195,12 илјади евра, како и нов кеј на реката Луда Мара до Општата болница, инвестиција вредна еден милион евра. Улицата „Задругарска“ е реконструирана со околу 81 илјади евра.
Значајни средства се насочени и кон унапредување на водоснабдувањето, каде преку Министерството за транспорт се обновени водоводните цевководи Страгово - Крњево во вредност од околу 357 илјади евра и Западен булевар - Сопот со околу 601 илјади евра. Во Моклиште се изгради нова водоводна и канализациска мрежа вредна околу 829 илјади евра, фекалниот колектор на булеварот „Видое Смилевски“ се реконструираше со околу 146 илјади евра, а се монтирани и 2.500 нови водомери.
На полето на енергетиката и екологијата започна првата фаза од гасификацијата на Кавадарци во вредност од околу 585 илјади евра, а поставени се фотоволтаични системи на 12 јавни установи со моќност од 355 киловати.
Кавадаречки Дол се трансформира во нова зелена урбана целина со покривање на долот во должина од 760 метри и озеленување на 15.000 квадратни метри. За поддршка на локалните земјоделци е изграден нов Био пазар вреден околу 520 илјади евра, а во Дреново се изгради повеќенаменски објект со околу 487 илјади евра. Пешачко-велосипедската патека Глишиќ - Марена чинеше околу 178 илјади евра, а градинката во Сопот беше опремена со нов објект вреден околу 47 илјади евра.
Изграден е Дневен центар за лица со попреченост вреден околу 666 илјади евра, нов Дом за стари лица со 55 легла, за кој Министерството за социјална политика издвои околу 2,60 милиони евра, и Нов Младински центар вреден еден милион евра. За туристички развој е обезбеден и грант од 50 илјади долари за документација за велосипедска патека до Тиквешкото Езеро.

