Македонија има намалување на населението и во градовите и во селата, Скопје со најмногу доселувања

Македонија има намалување на населението и во градовите и во селата, Скопје со најмногу доселувања

Најновиот извештај на Државниот завод за статистика за демографските движења во 2025 година испраќа сериозен аларм бидејќи Македонија се соочува со длабок негативен природен прираст кој подеднакво ги пустоши и градските и селските средини. Скопскиот Регион со брзо темпо продолжува масовно да го привлекува и онака дефицитарното население од останатите делови на земјата.

Природен прираст под нулата во целата држава

Во текот на 2025 година, вкупниот природен прираст на населението е негативен на сите нивоа. Во градските средини тој изнесува минус 3.367 лица, како резултат на 9.535 живородени деца наспроти дури 12.902 умрени лица. Во селските подрачја состојбата исто така е со дефицит од 1.070 лица, каде се регистрирани 6.315 родени наспроти 7.385 умрени граѓани.

Податоците покажуваат и огромна регионална диспропорција кај наталитетот. Скопскиот Регион буквално доминира и во него се концентрирани дури 41,6 % од вкупниот број на раѓања во државата. На спротивната страна, Источниот Регион се соочува со сериозно изумирање и учествува со критични 6,1 % во вкупниот број родени деца. Кај вкупната смртност, Скопје повторно има најголем удел со 30,4 %, додека најмало учество има Североисточниот Регион со 8,0 %. Статистиката регистрирала и трагична бројка од вкупно 62 умрени доенчиња, од кои 37 во градовите и 25 во селата.

Во градовите се склучуваат повеќе бракови, населението масовно се сели кон главниот град

Склучувањето бракови и понатаму е покарактеристично за градовите, каде што лани се регистрирани 5.782 брачни партнерства, односно 55% од вкупната бројка, наспроти 4.725 бракови во руралните средини. Сепак, градските средини предничат и во статистиката за разводи. Дури 65,8% од сите разведени бракови, што е еднакво на 1.438 случаи, се случиле во градските подрачја, додека во селата се евидентирани речиси двојно помалку разводи, односно 747 случаи.

Внатрешните миграции во рамките на истите региони потврдуваат дека трендот на напуштање на руралните средини е во полн ек, па најголем удел од 34,9% имаат преселбите од село во град, феномен кој е најизразен во Североисточниот Регион со високи 47,4%. Специфична состојба е забележана во Полошкиот Регион, каде што целосно доминираат меѓуселските преселби со 50,9%, наспроти преселбите од еден во друг град кои таму изнесуваат минимални 2,7%.

Кога станува збор за салдото на надворешните миграции и движењето меѓу различните региони, разликата меѓу Скопје и остатокот од земјата е голема. Скопскиот Регион бележи убедливо најголем позитивен баланс од 3.877 лица кои се доселиле таму во текот на годината, додека на спротивната страна се наоѓа Североисточниот Регион кој има салдо од едвај 40 лица, што е јасен доказ дека овој дел од земјата речиси целосно се празни.

Асоцијација (01 јули 2026)