Најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека трендот на намалување на бројот на работници во индустрискиот сектор продолжува и во текот на оваа година. Во мај, вкупниот број на работници во индустријата е намален за 2,6% во споредба со истиот месец лани. Овој негативен тренд е уште поизразен на рамниште на првите пет месеци од годинава, па така во периодот јануари-мај 2026 година, во однос на истиот период лани, бројот на вработени во индустријата бележи пад од 3%.
Анализирано по сектори, најсериозен одлив на работна сила во мај е регистриран во секторот рударство и вадење камен, каде што бројот на работници паднал за 7,3%. Клучниот сектор за македонското стопанство, преработувачката индустрија, исто така бележи намалување од 2,5%. Наспроти овие сектори, единствен позитивен придвижувач е секторот за снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде што е евидентиран благ раст на бројот на работници од 1%.
Според главните индустриски групи, падот на вработеноста ги зафати речиси сите сегменти. Најголемо кратење на работни места има во групата на нетрајни производи за широка потрошувачка, каде што бројот на работници е намален за 3,6%. Кај интермедијарните производи (освен енергија) падот изнесува 2,7%, кај капиталните производи 2,6%, додека кај енергијата намалувањето е 1,6%. Најмали флуктуации се забележани во групата трајни производи за широка потрошувачка, каде што вработеноста се намалила за минимални 0,6%.







