Навлегувањето на еден од најголемите малопродажни брендови во светот, германскиот синџир маркети „Лидл“, во македонскиот економски простор ќе донесе суштински промени во бизнис-климата, нови стандарди во трговијата и силен поттик за домашното производство.
Ова го истакна министерот за транспорт, Александар Николоски, кој денеска присуствуваше на официјалното поставување на камен-темелникот на новиот голем објект и маркет на „Лидл“ во Струмица. Според него, вкупниот инвестициски циклус на компанијата во земјава изнесува 200 милиони евра, а најголем бенефит од овој капитал ќе имаат токму македонските земјоделци.
Вицепремиерот изрази задоволство што Струмица и целиот струмички регион стануваат центар на ваква сериозна инвестиција, нагласувајќи дека присуството на „Лидл“ е јасен сигнал за меѓународните пазари дека Македонија е сигурна и привлечна дестинација за странскиот капитал.
Николоски изјави дека Струмичкото Поле е препознатливо по производството на најубавите и најквалитетните раноградинарски производи. Тој изрази силно уверување дека менаџментот на „Лидл“, како на домашно така и на регионално ниво, веќе ги мапира и препознава овие капацитети, што ќе овозможи бројни македонски производи да се најдат на трпезите на потрошувачите ширум Европа.
Со цел ваквите капитални објекти да не заглавуваат во долги лавиринти од бирократија, туку да стануваат реалност брзо и ефикасно низ целата држава, Владата веќе презеде конкретни чекори. Николоски откри дека се направени клучни измени во Правилникот за урбанистичко планирање со кои максимално се олеснети и скратени административните процедури за изградба на големи економски и стопански капацитети.
Според најавената динамика, првите маркети на „Лидл“ во Македонија се очекува официјално да ги отворат своите врати за купувачите за само неколку месеци, односно кон крајот на оваа година, околу новогодишните празници.







