САД ги намалија царините за македонски производи од 33% на 15%

САД ги намалија царините за македонски производи од 33% на 15%

Соединетите Американски Држави донесоа значајна одлука за намалување на царините за производи од Македонија, симнувајќи ги од досегашните 33% на 15%. Овој чекор ја изедначува Македонија со царините кои САД ги применува кон земјите членки на Европската Унија.

Ова намалување ја става Македонија во значително поповолна позиција во однос на некои еврпски држави. За споредба, царините за Србија изнесуваат 35%, додека за Босна и Херцеговина се 30%. Изненадувачки, Швајцарија се соочува со високи царини од 39%.

Премиерот Христијан Мицкоски ја поздрави одлуката, истакнувајќи дека ова е само прва фаза од преговорите. „Преговорите продолжуваат. Во моментот се наоѓаме во пауза поради годишните одмори. Очекувам втора половина во август да продолжиме со преговорите и очекувам уште намалување“, изјави Мицкоски.

Министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, исто така ја поздрави одлуката на САД, нагласувајќи дека ова претставува важен поттик за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји и јасен сигнал за градење на поамбициозно трговско партнерство.

„Иако преговорите за сеопфатен договор за тарифна либерализација сè уште се во тек, оваа одлука е конкретен доказ за заедничката посветеност на отворање нови можности за нашите извозници, компании и економијата во целина“, истакна Муцунски. Тој додаде дека владата останува целосно посветена на финализирање на договор што ќе ги отстрани преостанатите трговски бариери и ќе создаде долгорочни придобивки за двете економии.

САД ги намалија царините за македонски производи од 33% на 15%