Проектот за изградба на автопатската делница Букојчани – Кичево, клучен сегмент од европскиот патен Коридор 8, влегува во финална фаза пред отпочнување на градежните работи. Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) ја заврши претквалификацијата за избор на изведувач, со што девет фирми се квалификуваа за поднесување понуди за проектот вреден околу 11,5 километри.
Како што соопштија од ЈПДП, тендерот за претквалификација е спроведен согласно процедурите за набавки на ЕБОР. По успешното завршување на овој процес, деветте претквалификувани компании добија покана за поднесување понуди. Крајниот рок за доставување на понудите е 30 септември 2025 година, по што ќе следи детална евалуација и избор на најповолниот изведувач за градежните работи.
Постоечката делница на државниот пат А2 од Гостивар до Кичево проектирана е пред повеќе од 50 години и изградена како единечен коловоз со две сообраќајни ленти во двата правца, а наместа на планинските превои има и трета лента за бавни возила. Сепак, поради зголемениот обем на сообраќај и недоволно добрите возно - диманички услови, неминовно е надградување на оваа делница на ниво на современо автопатско решение по кое ќе се одвива брз, безбеден и непречен меѓународен и домашен превоз на патници и стоки.
Активностоте, пак за автопатската делница од Гостивар до Букојчани се во тек, Бехтел и Енка веќе работат на изградбата, а засилена градежна активност има и на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, сите дел од Коридорот 8. Со ова ќе има целосно автопатско поврзување од главниот град Скопје до туристичкиот центар Охрид.