Нова куглана, сала за гимнастика и апартмани: Во Кавадарци се гради нов спортски комплекс во склоп на салата „Јасмин“

Нова куглана, сала за гимнастика и апартмани: Во Кавадарци се гради нов спортски комплекс во склоп на салата „Јасмин“
Сподели:

Градежните активности за изградба на новиот модерен спортски објект во рамки на Спортскиот центар „Јасмин“ во Кавадарци напредуваат со засилена динамика и проектот веќе ги добива своите први контури на терен, информираше градоначалникот Митко Јанчев. Со ова конечно се решава делот од просторот што со децении стоеше запуштен уште од првичната изградба на спортската сала во деведесеттите години.

Новиот објект се простира на површина од 1.000 квадратни метри во основа и е проектиран со подрум, приземје и кат. Во неговиот состав се предвидени современа куглана, сала за гимнастика и седум апартмани за сместување на спортисти на горниот кат.

Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 118 милиони денари (околу 1,91 милион евра), а средствата се целосно обезбедени преку вториот повик од Владата. Според градоначалникот Јанчев, овој капитален проект претставува значајно вложување во младите и спортската инфраструктура, создавајќи современи услови за тренинг, одржување натпревари и развој на спортскиот туризам во Кавадарци.