Градскиот стадион во Битола вечерва ќе биде домаќин на еден од најголемите музички настани годинава, каде што регионалната легенда Здравко Чолиќ ќе одржи концерт пред рекордни над 15.000 посетители.
Информацијата ја сподели градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, пренесувајќи ги најавите од организаторите „Avalon International Booking“. Според нивните податоци, ова е апсолутен рекорд по посетеност за еден концерт во Битола, но и пошироко во регионот, вклучувајќи го и Охрид.
Под мотото „Каде и да си, на 1 август во Битола да си“, на концертот се очекува публика од цела Македонија и соседството.
Поради огромниот интерес и рекордната бројка на фанови, од организацијата апелираат за навремено пристигнување. Вратите на стадионот ќе бидат отворени од 19:00 часот, додека официјалниот почеток на музичкиот спектакл е закажан за 21:00 часот.

