„Тиквеш“ го зголеми извозот за 16 проценти и оствари нето-добивка од 2,76 милиони евра

„Тиквеш“ го зголеми извозот за 16 проценти и оствари нето-добивка од 2,76 милиони евра
Сподели:

Винарската визба „Тиквеш АД Кавадарци“ ги објави финансиските извештаи за периодот јануари-јуни, бележејќи раст на сите клучни показатели на профитабилност. Вкупните приходи на компанијата пораснаа за 9 проценти во споредба со истиот период од минатата година, што во најголем дел е резултат на силниот скок на продажбата на странските пазари од 16 проценти, додека пласманот на домашниот пазар го задржа минатогодишното ниво.

Во првата половина од годината компанијата оствари бруто-добивка од околу 12,18 милиони евра, што претставува зголемување за 5 проценти. Истовремено, преку зголемена оперативна ефикасност, административните трошоци и трошоците за продажба и маркетинг се намалени за 6 проценти, а останатите оперативни расходи паднаа за 9 проценти. Ова овозможи оперативната добивка да порасне за дури 38 проценти и да достигне околу 4,06 милиони евра.

И покрај забележаните повисоки финансиски расходи во извештајниот период, добивката пред оданочување бележи раст од 29 проценти. Остварената нето-добивка по оданочување изнесува околу 2,76 милиони евра, што е за 28 проценти повеќе во споредба со првото полугодие лани.

Од компанијата посочуваат дека остварените резултати се целосно во согласност со планираните проекции. Во изминатите шест месеци се реализирани вложувања во материјални средства во вредност од околу 390.000 евра, при што не биле евидентирани значителни отписи ниту поголеми промени во кредитната задолженост на компанијата.