Царинската управа соопшти дека во август е постигнат рекорден месечен раст на приходите од 8,9%, што претставува зголемување од 14,5 милиони евра во споредба со истиот месец минатата година. Ова е најголемо месечно зголемување на приходите годинава.
Најголем раст од 19,5 проценти е остварен во наплатата на акциза, при што по овој основ во август се собрани приходи од 3,78 милијарди денари.
Наплатата на приходи од царина бележи пораст од 7,9 проценти, додека приходите од данокот на моторни возила бележат раст од 7,3 проценти.
„Претходниот месец наплатата на приходите беше зголемена за 10,5 милиони евра, овој месец за 14,5 милиони евра. Ова е новиот систем на вредности во Царинската управа. Систем што генерира повисоки приходи во Буџетот на државата, систем што овозможува повеќе пари за болници, училишта, патишта. Одржлив систем што го разобличува криминалот и ја издигнува економијата на државата", вели директорот Бобан Николовски.
Кумулативно од почетокот на годината Царинската управа наплати приходи од 86 милијарди денари или 1,4 милијарди евра, што е за 65,5 милиони евра повеќе од лани истиот период.