По повод почетокот на новата учебна година, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, го посети државното средно училиште РЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес. Посетата беше искористена за испраќање порака за значењето на стручното образование за економскиот и технолошкиот развој на земјата.
Божиновска истакна дека на Македонија ѝ се потребни квалификувани инженери, техничари и електричари со практични познавања кои директно ќе одговорат на потребите на современиот пазар на труд.
За време на посетата, министерката подвлече дека енергетската транзиција не се состои само во изградба на соларни и ветерни централи, туку во прв ред бара вложување во стручен човечки кадар.
Преку образовните профили како електротехничар-енергетичар, учениците стекнуваат вештини за работа со паметни мрежи, батериски системи и нови технологии. Ресорното министерство иницира подлабока соработка со сите образовни институции за директно поврзување на практичната настава со реалните потреби на енергетскиот сектор и индустријата.

