Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, индустриското производство во јули бележи зголемување од 1,3 проценти во споредба со истиот месец од минатата година.
Главниот двигател на позитивниот резултат е преработувачката индустрија, каде што е евидентиран раст од 3,4 проценти.
Најголем придонес за растот во преработувачкиот сектор има силниот скок на производството во неколку клучни индустриски гранки. Производството на други неметални минерални производи бележи раст од 85 проценти, фармацевтскиот сектор бележи скок од 15,6 проценти, додека кај производството на пијалаци е забележан пораст од 14,1 процент. Позитивни резултати има и кај тутунската, хемиската и индустријата за гума и пластика.
На спротивната страна, во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација е регистриран пад од 19,5 проценти, а во рударството и вадењето камен намалување од 5,9 проценти.
Според главните индустриски групи, во јули пораст е забележан кај интермедијарните производи од 9,2 проценти и нетрајните производи за широка потрошувачка од 3,1 процент, додека падот кај категоријата енергија изнесува 22,2 проценти.

