Министерот за здравство, Сашо Клековски, соопшти дека во изминатата недела е регистриран пад на новозаболени лица од западнонилска треска. Во 35-тата недела (24-31 август) се евидентирани вкупно 5 нови случаи, од кои 3 се потврдени, што претставува значително намалување во споредба со претходните три недели кога неделно се бележеа од 9 до 11 случаи.
Врвот на хоспитализација бил достигнат на 12 август со 24 пациенти. Според статистиката, мажите се заболени 3,7 пати почесто од жените, а сите досега починати лица се мажи. Досега се регистрирани вкупно 55 случаи, од кои 53 се потврдени, при што повеќе од половината пациенти веќе се отпуштени од болничко лекување.
Сите податоци за епидемиолошката состојба, вклучително и бројот на излекувани, мапирањето по општини, ризичните водни површини и детален преглед на сите извршени третмани за дезинсекција, се јавно достапни на специјализираниот портал healthalert.mk.
Покрај препораките за продолжување на мерките за лична заштита од комарци, министерот Клековски упати посебен апел до родителите за навремена вакцинација на децата против морбили (мали сипаници). Тој предупреди дека опфатот со вакцинација во земјата е далеку под потребното ниво за колективен имунитет, што претставува сериозен ризик со оглед на тоа што во соседните Косово и Бугарија се бележи раст на заболените.

