Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, стапката на слободни работни места во второто тримесечје од оваа година изнесувала 2,17 проценти. Пазарот на труд покажа најголема побарувачка во секторот на услуги и продажба, каде што се евидентирани 2.980 слободни работни места.
Гледано по региони, Скопскиот Регион предничи во земјава со највисока стапка на слободни работни места од 2,30 проценти.
Анализирано по дејности, највисока стапка на слободни работни места од 6,23 проценти е забележана во секторот за сместување и послужување храна. На спротивната страна, најниска стапка од 0,38 проценти е евидентирана во секторот за снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Според големината на деловните субјекти, најголема потреба од нови работници имаат малите и средните претпријатија. Компаниите кои бројат од 10 до 49 вработени бележат највисока стапка на слободни работни места во износ од 3,20 проценти.

