Со 92,7 милиони денари од Министерството за финансии ќе се реконструира Клиниката за физикална медицина во Скопје

Со 92,7 милиони денари од Министерството за финансии ќе се реконструира Клиниката за физикална медицина во Скопје
Сподели:

Започнува комплетната реконструкција на ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација во Скопје. Станува збор за инвестиција вредна 92,7 милиони денари без ДДВ, реализирана преку грант-средства од Светската банка и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

Договорот за грант веќе го потпишаа Министерството за финансии и Министерството за здравство, а проектот ќе се спроведува преку Проектната единица при Министерството за финансии.

Оваа инвестиција има за цел темелно подобрување на условите за пациентите и медицинскиот кадар, како и постигнување висок степен на енергетска ефикасност.

Реконструкцијата ќе опфати осум меѓусебно поврзани објекти со вкупна грејна површина од 7.247 квадратни метри. Предвидените градежни зафати вклучуваат поставување термичка изолација на фасадите и крововите, замена на дотраената столарија со нова енергетски ефикасна, санација на санитарните јазли и вградување современо LED-осветлување.

Клучна промена е модернизацијата на системот за греење и ладење. Со инсталирање високоефикасни топлински пумпи и вентилаторски конвектори, досегашното загревање на мазут целосно се исфрла од употреба.

Со ова значително ќе се намалат трошоците за енергија, ќе се олесни функционирањето на клиниката и ќе се елиминира негативното влијание врз животната средина, овозможувајќи посовремени и пофункционални услови за престој и лекување.