Бројот на работниците во индустријата намален за 3 проценти во август, рударството со најголем пад

Бројот на работниците во индустријата намален за 3 проценти во август, рударството со најголем пад

Бројот на работниците во македонската индустрија во август е намален за 3% во споредба со истиот месец од претходната година, соопшти Државниот завод за статистика. Сумарните податоци покажуваат дека и во периодот јануари-август е евидентиран пад од 2,8% во однос на истиот период од 2025 година.

Според секторите, најголемо намалување на бројот на вработените од 8% е регистрирано во Рударството и вадењето камен, додека во Преработувачката индустрија падот изнесува 2,8%. Единствен сектор со благ раст е Снабдувањето со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде што бројот на работниците се зголемил за 0.7%.

Анализирано според главните индустриски групи, во сите сектори е забележан пад на работната сила во август оваа година во споредба со август во 2025 година.

Најизразено намалување има кај Нетрајните производи за широка потрошувачка каде што бројот на работниците падна за 4,4%, по што следат Интермедијарните производи со пад од 3%. Кај групите Енергија и Капитални производи е евидентирано истоветно намалување од по 2,3%, додека кај Трајните производи за широка потрошувачка падот изнесува 2,1%.