Дирекцијата за големи даночни обврзници при Управата за јавни приходи одбележа 20 години од своето основање. На настанот се обрати министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која истакна дека оваа институција има значајна улога во даночниот систем, со оглед на тоа што компаниите што се под нејзина надлежност учествуваат со повеќе од 40 проценти во вкупните остварени даночни приходи во државата.
Специјализираниот пристап овозможува непосреден контакт со најголемите носители на економската активност, поддржувајќи ги нивните инвестиции и креирањето додадена вредност. Министерката нагласи дека стабилниот и предвидлив даночен систем претставува основен предуслов за долгорочно бизнис-планирање, одлуки за нови вработувања и одржлив економски раст.
Во однос на идните чекори и модернизацијата на Управата за јавни приходи, како клучен сегмент беше посочен проектот „Е-фактура“, кој треба да ги забрза процесите, да го намали административниот товар и да ја зголеми ефикасноста во работењето. Исто така, беа истакнати обезбедените поволни средства од унгарската Експорт-импорт банка, кои поттикнаа инвестициски циклус во македонската економија вреден близу 300 милиони евра.
На план на регулативата, Министерство за финансии работи на усогласување со европските стандарди преку усвојувањето на Законот за минимален глобален данок на добивка, како и преку измените на Законот за даночна постапка со кои се воведува жалбена постапка против управните акти. Министерката упати јасна порака до деловната заедница дека модернизацијата нема да донесе зголемување на даночните давачки и дека Владата останува на концептот на рамен данок.

