Голема полициска акција: Сузбиена криминална група во Прилеп, Скопје и Струга, препродавале дрога и переле пари

Голема полициска акција: Сузбиена криминална група во Прилеп, Скопје и Струга, препродавале дрога и переле пари

Во опсежна и координирана акција на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ОСОСК), Управата за финансиско разузнавање и специјалните полициски единици, под раководство на ОЈО за ГОКК, сузбиена е 21-члена организирана криминална група инволвирана во трговија со наркотици и економски криминал.

По повеќемесечно истражување, полицијата изврши претреси кај 31 лице на вкупно 36 локации во Прилеп, Скопје и Струга. Притоа од слобода се лишени 20 лица, а пронајдени и одземени се кокаин, марихуана, непозната грутчеста материја, гасен пиштол, муниција, значајна сума на девизни и денарски средства, возила, мотоцикли, мобилни телефони и ваги.

Според истрагата, групата била предводена од лицата Н.В. и М.С., кои ја набавувале дрогата (кокаин и марихуана) од лица од Албанија, Струга, Дебар и Гостивар. Преку мрежа на препродавачи, дрогата се дистрибуирала до купувачи во Прилеп, Битола, Кавадарци, Неготино, Велес и Скопје. Марихуаната се продавала по цена од 500 до 800 денари за грам, додека кокаинот се продавал од 4.000 до 6.000 денари за грам.

Стекнатите парични средства од наркотиците биле внесувани во легалниот платен промет и употребувани за купување на движен и недвижен имот со цел да се прикрие нивното потекло. Според документираните докази, преку такви шеми за перење пари биле пуштени во оптек речиси 5 милиони денари и над 64.000 евра. За сите 21 член од групата е поднесена соодветна кривична пријава до ОЈО за ГОКК.