Националниот археолошки музеј промовираше нов дизајн на билетите за посета, кои се осмислени како посебен детаљ од визуелниот идентитет на институцијата. Новите влезници содржат мотиви и детали од вредните предмети што се дел од богатата музејска колекција.
Автор на новиот визуелен изглед е Адријан Зарески, стручен соработник за аудиовизуелни уметности и дизајн во Националниот археолошки музеј. Влезниците се достапни во три ценовни категории, односно по цена од 100, 400 и 700 денари.
Од Националниот археолошки музеј ги повикуваат посетителите да ги зачуваат билетите по завршувањето на посетата, истакнувајќи дека тие претставуваат уникатен спомен од престојот и разгледувањето на историското наследство.
Новиот дизајн има за цел дополнително да го збогати целокупното доживување на посетителите и да понуди естетска вредност уште од самиот влез во музејскиот простор.

