Николоски: Следната година ќе се воведе меѓуградски воз Скопје-Приштина кој ќе патува 50 минути

Николоски: Следната година ќе се воведе меѓуградски воз Скопје-Приштина кој ќе патува 50 минути

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, за време на своето обраќање на глобалниот настан „Денови на поврзување на Европа“ во Брисел, истакна дека Македонија спроведува обемни инвестиции во модернизација на инфраструктурните Коридори 8 и 10. На панелот посветен на Западен Балкан и Источен Медитеран, тој нагласи дека како земја без излез на море, развојот на патниот и железничкиот сообраќај има клучно политичко и економско значење за државата.

На источното крило на Коридорот 8, првата железничка делница е завршена, а за втората се очекува завршување до крајот на 2028 година. Минатата недела, во соработка со ЕИБ, започна постапката за набавка за избор на изведувач за третата и најтешка делница со должина од 23,1 километар, каде дури 75 проценти се состојат од објекти, односно над 20 тунели и 56 мостови.

Оваа фаза завршува со заеднички прекуграничен тунел што ќе се гради со Бугарија, врз основа на потпишаниот меѓувладин договор од минатиот ноември, со цел до 2031-2032 година да се овозможи патување од пристаништето Драч до Бургас и Варна преку Скопје. На западниот дел се работи за реконструкција на постојната железница и поврзување со Албанија.

На Коридорот 10 во тек се активности за изградба на двоколосечна брза пруга за патнички возови со брзина од 160 до 200 километри на час и за карго возови до 120 километри на час, како и за воведување на Интелигентен транспортен систем (ИТС) на автопатот.

Дополнително, започната е нова автопатска врска од Коридорот 6 од Скопје преку Приштина кон Драч и Бар со рок на изградба од три години, а се водат и разговори за меѓуградски воз Скопје-Приштина кој би патувал 50 минути. Набавени се 150 електрични автобуси, во тек е набавка за 5 електрични локомотиви и 5 до 7 патнички возови, а за десетина дена ќе започне и изградбата на автопатот Букојчани - Кичево.