Во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини се одржа координативен состанок со претставници на Геолошкиот завод и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. На средбата се разгледани можностите за заедничко учество во европски истражувачки проекти, како и иницијативи за унапредување на геолошките истражувања и подобро искористување на минералните и геотермалните ресурси во државата.
Клучна точка на разговорите беше можноста за аплицирање на повикот од програмата „Хоризон Европа“, насочен кон проценка на ресурсите во длабоки седиментни и длабински резервоари. Со цел подобро утврдување на геотермалниот потенцијал преку анализа на податоци, моделирање и потенцијално истражувачко бушење, беше договорено да се започне со подготовка на проектен концепт и формирање меѓународен конзорциум со партнери од Хрватска, Словенија и Германија.
Покрај геотермалната енергија, учесниците ја истакнаа потребата од системски пристап кон критичните минерални суровини поради нивното растечко значење за новите технологии и енергетиката. Разгледана е иницијативата за изработка на посебна Програма за истражување на критичните минерални суровини, во која ќе бидат директно вклучени научните капацитети на Факултетот за природни и технички науки при УГД.
На состанокот е иницирана и подготовка на сеопфатен Каталог на минералните суровини за систематизирано претставување на домашниот геолошки потенцијал пред инвеститорите и стручната јавност. Дополнително, беше разгледана и можноста за заштита на прилепскиот мермер „Сивец“ преку добивање географска ознака за негова поголема препознатливост.

