„Алкалоид“ одликуван со плакета за најдолго котирано акционерско друштво на Македонската берза

„Алкалоид“ одликуван со плакета за најдолго котирано акционерско друштво на Македонската берза

Фармацевтската компанија „Алкалоид“ АД Скопје доби посебно признание за својата долгогодишна присутност и придонес на македонскиот пазар на капитал. На свечениот настан со кој Македонската берза го одбележа својот јубилеј - 30 години од почетокот на организираното тргување со хартии од вредност во земјава, на компанијата ѝ беше врачена плакета за најдолго котирано акционерско друштво.

Ова признание во име на компанијата го прими генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.

Историјатот на „Алкалоид“ на Берзата датира уште од нејзиното формирање во 1996 година, кога со акциите на компанијата најпрвин се тргуваше на Третиот неофицијален пазар. Клучниот пресврт се случи во ноември 2002 година, кога „Алкалоид“ стана една од првите компании кои се етаблираа на Првиот официјален пазар.

Договорот за котација беше потпишан на 13 ноември 2002 година од страна на тогашниот генерален директор Трајче Мукаетов и директорот на Берзата, Евгени Зографски, со што се поставија темелите за нова ера на корпоративна транспарентност и отчетност.

Преминот на официјалниот пазар значеше воведување строги стандарди за известување, каде инвестициските одлуки почнаа да се носат врз основа на проверени финансиски податоци наместо на шпекулации. Тогашната визија на менаџментот, насочена кон надминување на локалните рамки и континуирано инвестирање во нови капацитети, се покажа како пресудна за долгорочниот успех. Денес, по повеќе од две децении на официјалниот пазар, „Алкалоид“ важи за една од најликвидните и најтранспарентните компании во регионот.

Економските показатели најдобро го илустрираат овој раст. Додека во 2001 година просечната цена на акцијата изнесуваше 1.350 денари со нето-дивиденда од 58,43 денари, во 2025 година просечната цена достигна ниво од 27.468 денари.

Овој импресивен раст од околу 20 пати е проследен и со најава за исплата на нето-дивиденда од 648 денари по акција за изминатата година, што дополнително ја потврдува стабилноста на компанијата и довербата на инвеститорите во нејзините деловни политики.

Асоцијација (08 април 2026)