По цели 20 години, Македонија повторно воспостави систем за полагање на стручни испити за капетани на бродови и бродски персонал, соопшти денеска од Охрид вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Со воведувањето на законските и подзаконските измени, државата го прекина долгогодишниот застој кој ги принудуваше лицата кои се занимаваат со внатрешна пловидба да се сертифицираат во странство, со што се прави значаен чекор кон професионализација и поголема безбедност во водниот сообраќај.
На првата испитна сесија веќе се доделени сертификати на нови професионални кадри, меѓу кои еден заповедник на брод за меѓународен пловен пат, осум заповедници за државни води, еден водач на палуба и шест морнари.
Особено значаен момент е и промовирањето на првата жена заповедник на брод во Македонија, што според министерот Николоски е јасен сигнал за дестигматизација и стимулација на оваа професија за сите граѓани.
Паралелно со развојот на кадровските потенцијали, Министерството за транспорт инвестира и во техничко-инфраструктурно унапредување на Капетанијата на пристаништата. Набавен е нов пловен објект за надзор, а извршено е и темелно расчистување на пристаништата во Охрид и Свети Наум.
Во подготовка е и амбициозен проект за целосно партерно уредување на охридскиот кеј и модернизација на двете градски пристаништа. Овој проект, кој не бил ревидиран повеќе од три децении, се планира да се реализира во координација со УНЕСКО за да се обезбеди зачувување на статусот на заштитено подрачје додека истовремено се создаваат функционални капацитети за мали и големи пловила.
Капетанот на Капетанијата на пристаништата, Илија Арнаудоски, ја поздрави можноста за домашно сертифицирање и најави дека во претстојниот период ќе се интензивираат инспекциските надзори на езерото. Тој упати апел до сите сопственици на пловни објекти навремено да ги регистрираат своите пловила и строго да се придржуваат до важечките прописи за внатрешна пловидба, со цел да се избегнат несреќи и да се заштитат животите на сите учесници во сообраќајот.






