ССМ: Македонија меѓу најлошите земји во светот за работниците во 2026 година

ССМ: Македонија меѓу најлошите земји во светот за работниците во 2026 година

Македонија се соочува со демократско уназадување на полето на работничките права, откако Меѓународната конфедерација на синдикати (ITUC) во својот најнов Извештај за 2026 година - Индекс за Глобални права, ја позиционираше земјата на срамното четврто место. Оваа позиција ја означува Македонија како држава со систематско прекршување на правата, со сериозен ризик да потоне во последната, петта категорија, каде што работничките права воопшто не се гарантирани.

Наместо очекуваниот напредок кон европските стандарди, меѓународниот извештај нотира драматично влошување на состојбите. Како клучни причини за ваквиот пад се наведуваат директните напади врз синдикалните лидери и нивните семејства, оркестрираните обиди на власта и работодавачите за задушување на колективниот глас, како и масовното формирање на таканаречени „жолти синдикати“ под политичка диктатура.

Како најеклатантен и најсрамен пример за државна репресија, во воведниот дел на глобалниот извештај е издвоен настанот од февруари 2026 година. По одржувањето на масовниот протест организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), претседателот на синдикатот и неговото семејство беа изложени на незаконско следење. Снимки од нивниот приватен живот беа јавно споделени на социјалните мрежи од страна на пратеници од владејачката партија. ITUC ова го квалификува како грубо кршење на приватноста со цел да се изврши притисок врз независното синдикално движење, нагласувајќи го фактот дека во снимките биле таргетирани и малолетни деца.

Извештајот за 2026 година открива дека од почетокот на минатата година, ССМ е под постојан удар поради силниот ангажман и кампањата за зголемување на минималната плата и зачувување на животниот стандард. Како одговор на легитимните работнички барања, евидентирано е формирање на синдикати под диктат на власта и работодавачите. Овие организации работат исклучиво во интерес на профитот и политиката, а работниците се соочуваат со уцени, притисоци за отпуштање и присилно зачленување во ваквите парасиндикални структури со цел да се скрши автентичниот отпор.

Генералниот секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати, Лук Трианг, уште за време на неговата посета на Скопје во март годинава, испрати јасна поддршка за ССМ и предупреди на последиците од ваквиот однос на институциите. Овој извештај е сериозен аларм за македонското општество дека без итни и коренити промени во односот на власта и бизнис секторот, државата и де јуре ќе се изедначи со деспотските режими каде работникот нема никаква правна заштита.

Асоцијација (03 јуни 2026)