Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, на прес-конференција го презентираше отчетот за двегодишното управување со јавните финансии, нагласувајќи дека во услови на тешки економски предизвици и глобални неизвесности, Министерството направило свесен избор за фискална одговорност и долгорочни решенија наместо краткорочен популизам. Според неа, макроекономските индикатори потврдуваат стабилно закрепнување и позитивна траекторија на економскиот раст, кој од просечните 1,8% во периодот од 2017 до 2023 година, се искачи на 3% во 2024 и 3,5% во 2025 година.
Министерката посочи дека инфлацијата е успешно амортизирана и по падот од 14,2% во 2022 година, во мај годинава таа е сведена на 4,8%. Оваа стабилност овозможи реален раст на платите, кои по номиналниот раст од 12,6% во 2024 и 9,6% во 2025 година, бележат реален скок во куповната моќ на граѓаните. Во делот на раздолжувањето, Димитриеска-Кочоска информираше дека во изминатите две години се сервисирани дури 4,4 милијарди евра од јавниот долг, а до крајот на годината доспеваат уште 983 милиони евра стари долгови. И покрај ова масовно враќање на кредити, таа подвлече дека јавниот долг во првиот квартал од 2026 година изнесува стабилни 58,9% од БДП, што е под нивото на претходните владини проекции, бидејќи дефицитот повеќе не се троши за тековна потрошувачка туку за капитални инвестиции.
За првпат е воведен системски пристап во менаџирањето со капиталните проекти преку формирање на Комитетот за јавни инвестиции, со што средствата се насочуваат само кон реално подготвени проекти во патна и железничка инфраструктура, енергетика, образование и одбрана. Воедно, остварено е централно-локално партнерство преку издвојување на 250 милиони евра за општински проекти, како и дополнителни 250 милиони евра поволни кредити за домашните компании. На даночен план, царинските стапки за 70 суровини се усогласени со ЕУ, а воведен е и меѓународниот „OECD Pillar 2“ систем за глобален минимален ефективен данок од 15% за големите мултинационални компании со добивка над 750 милиони евра.
На прес-конференцијата беше ставен посебен акцент на воведувањето ред и строга законска контрола во сивата зона. Преку новиот Закон за игри на среќа, кој донесе повисоки надоместоци за приредувачите и заштита на младите, одземени се две лиценци за работа. Уште построга била контролата кај брзите кредити, каде што во периодот од јули 2024 до јуни 2026 година се извршени масовни надзори, при што се одземени 5 дозволи за работа на финансиски друштва, изречени се глоби од 2,58 милиони денари за 18 друштва и се издадени 55 наредби за отстранување неправилности.
Како успешна реформа беше посочено и зајакнувањето на пазарот на капитал преку третата емисија на граѓански обврзници, во која 1.543 граѓани инвестираа над 2 милијарди денари (околу 33 милиони евра). На крајот, министерката потсети дека државата успешно го ублажила и најновиот ценовен шок предизвикан од конфликтот на Блискиот Исток, преку брзи антикризни мерки со кои ДДВ-то за нафтените деривати беше намалено од 18% на 10%, заедно со кратење на акцизите за дизелот и бензините, со цел целосна заштита на стандардот на граѓаните и стопанството.







