Овогодинешните археолошки истражувања на локалитетот Градиште кај битолското село Црнобуки повторно донесоа исклучително богати резултати. Мноштвото новооткриени движни и недвижни археолошки наоди фрлаат нова светлина врз историјата на овој древен македонски град, збогатувајќи ги сознанијата за неговиот развој, трговија и стратегиска важност.
Пронајдените монети, садови и бројни метални предмети сведочат за динамичен живот во антиката. Наодите не само што го отсликуваат секојдневието на обичниот човек од тоа време, туку раскажуваат и за походите на големите воени генерали. Истовремено, тие ги потврдуваат развиените трговски и културни врски што овој град ги одржувал со тогашните моќни регионални центри како Тесалоника, Пела, Амфиполис и Дирахион
Она што го прави овој проект дополнително значаен е неговиот меѓународен карактер. Истражувањата се реализираат во рамките на плодна соработка меѓу НУ Завод и музеј – Битола и Универзитетот „Кал Поли Хамболд“ од Арката, Калифорнија, САД. Од македонска страна, со тимот раководи археологот Енгин Насух, со Слободан Стојкоски како заменик-раководител и соработниците Моника Нолева, Славе Стојанов и Стефан Малбашиќ. Американскиот тим е предводен од кораководителот Ник Ангелоф и Џесика Морис, а во ископувањата се вклучени и 25 студенти и волонтери од САД кои преку овој проект се стекнуваат со незаборавно професионално и културно искуство во Македонија.
Целата теренска кампања и мисијата за откривање на богатото културно-историско минато на овој регион се спроведени со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.







