Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека нелегалното прислушување и злоупотребата на системот од страна на Агенцијата за национална безбедност претставуваат напад врз демократијата, а не само врз него туку и врз новинарите. На состанок посветен на партнерството за отворена власт, тој истакна дека станува збор за удар врз правото на слобода и врз темелите на државата.
Мицкоски посочи дека тој, како тогашен претседател на најголемата опозициска партија, бил жртва на системот за следење граѓани, заедно со новинари, медиуми, бизнисмени и други јавни личности.
„Ќе има правна разрешница. Нашиот народ предолго бил жртва на злоупотреби, на корупциски шеми и на тајни центри на моќ. Времето на недопирливи заврши“, изјави Мицкоски.
Според него, партнерството за отворена власт е одговор на ваквите проблеми. Тој истакна дека таму каде што има светлина, нема простор за сенки, а отворените и отчетни институции не оставаат место за злоупотреба и загрозување на слободите и демократијата.