Маврово за првпат е домаќин на Светското првенство во спортски риболов на крап

Маврово за првпат е домаќин на Светското првенство во спортски риболов на крап
Сподели:

Македонија за првпат е домаќин на Светското првенство во спортски риболов на крап, настан што ги собра најдобрите спортски риболовци од 33 држави кои доаѓаат од четири континенти – Европа, Азија, Африка и Америка.

На свеченото отворање присуствуваа заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, и заменик-директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Мевлан Морина.

Заменик-министерот Хоџа истакна дека организирањето спортски настан од ваков ранг е од огромно значење за развојот на спортскиот риболов, но претставува и извонредна можност за промоција на Маврово, природните убавини и развојот на еколошкиот и спортскиот туризам во земјава.

За успешна организација на шампионатот, Министерството за земјоделство оствари блиска соработка со Риболовната федерација, Државниот инспекторат за земјоделство и Националниот парк „Маврово“. Во рамките на подготовките, во изминатиот период беа спроведени повеќе акции за порибување на Мавровското Езеро со цел обезбедување оптимални услови за натпреварувачите.

Натпреварите продолжуваат на водите на Мавровското Езеро, каде што риболовците од целата планета ги одмеруваат своите вештини во духот на спортскиот фер-плеј.