Мицкоски: До крајот на мандатот сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн

Мицкоски: До крајот на мандатот сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн

Денес, на Западнобалканскиот дигитален самит 2025, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека дигитализацијата не е само технолошка промена, туку суштинска револуција која ја обликува иднината на Балканот, Македонија и Европа. Според премиерот, оваа промена не е избор, туку неопходност за опстанок и напредок, а регионот не смее да остане заостанат.

„Западен Балкан има потенцијал да стане центар на дигитални иновации. Нашата иднина е поврзаност, иновации и знаење,“ изјави Мицкоски, додавајќи дека овој самит е доказ дека земјите на Балканот можат да работат заедно и да создадат заеднички дигитален пазар, интегрирајќи се во Европската дигитална декада.

Премиерот нагласи дека една од главните цели на владата е да ја претвори земјата во ефикасен и транспарентен сервис за граѓаните преку дигитализација. Во тоа контекст, тој спомена новата апликација „М-Услуги“, која, како што рече, ќе ја промени администрацијата и ќе ја убрза размената на податоци меѓу институциите и граѓаните.

„Дигитализацијата е нашата шанса да ја победиме бирократијата и да го рушиме јазот меѓу оние кои имаат пристап до технологијата и оние кои се оставени на маргините. Ќе создадеме генерации со дигитални вештини кои ќе бидат конкурентни со своите врсници во Европа,“ додаде Мицкоски.

Како дел од овој процес, Мицкоски го најави и воведувањето на дигитални идентитети за сите граѓани, што ќе овозможи лесен и брз пристап до сите јавни услуги преку мобилни телефони. Во текот на неговиот говор, премиерот изрази благодарност до Министерството за дигитална трансформација и тимот зад апликацијата „М-Услуги“, која ќе претставува нова ера во електронската администрација.

„До крајот на мандатот, сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн, а сите граѓани ќе имаат целосен пристап до државните институции преку мобилни апликации,“ заврши премиерот Мицкоски, изразувајќи уверување дека Македонија ќе се позиционира како лидер во дигитализацијата на Балканот и ќе стане конкурентна на глобалната сцена.

Мицкоски: До крајот на мандатот сите јавни услуги ќе бидат достапни онлајн