Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски, денеска, на прес конференција информираа дека е распишана јавна набавка за изградба на нова поликлиника во Бутел.
Станува збор за инвестиција во вкупна вредност над 117 милиони денари. Новиот објект ќе се состои од приземје и кат од над илјада метри квадратни и ќе содржи ординации по општа медицина и стоматологија, детски оддел со ординација за педијатрија, превентивна здравствена заштита, специјалистичко-консултативни ординации за гинекологија, интерна медицина, невропсихијатрија, физикална медицина, рендген кабинет, аптека и биохемиска лабораторија.
„Ова е значајна инвестиција за жителите на оваа општина и на околните населени места кои првпат ќе имаат поликлиника блиску до местото на живеење.“ - истакна министерот Алиу.
Новата поликлиника ќе се гради на местото на постојната модуларна амбуланта.
„Граѓаните најмногу бараат поликлиника и Општина Бутел денеска ќе распише тендерска постапка за нејзина изградба. Од обезбедените средства, 90 отсто се од Министерството за здравство, а 10 отсто од општина Бутел. Оваа поликлиника е пример за соработка меѓу централната и локалната власт.“ - изјави градоначалникот Костовски.