Управниот одбор на АД ЕСМ оствари работна посета на хидроелектраните „Козјак“ и „Света Петка“, кои го сочинуваат Хидроенергетскиот систем „Треска“. На работниот состанок со раководството на подружницата се разгледани остварените производствени резултати и тековните оперативни активности во овие производствени капацитети.
Заклучно со третиот квартал од годинава, ХЕЦ „Козјак“ испорача 92.307 МWh електрична енергија, со што го надмина планираното производство согласно енергетскиот биланс за над 22 проценти. Во истиот период, ХЕЦ „Света Петка“ произведе 40.722 MWh, односно 14 проценти повеќе од планираните количини. Благодарение на поволната хидролошка состојба и оптимизацијата на производствениот потенцијал, двете хидроелектрани во претстојната грејна сезона влегуваат со солидна резерва на вода во акумулациите и со висока техничка подготвеност.
На состанокот посебен акцент е ставен и на актуелните развојни проекти, пред сè Проектот за реверзибилна хидроелектрана (ПАХЕ) „Козјак 3“ и изградбата на Тунелот „Теново - Козјак“. Овие инвестиции имаат суштинско значење за долгорочно зголемување на енергетската независност на државата, овозможувајќи поголемо производство од обновливи извори и дополнително зајакнување на стабилноста и флексибилноста на македонскиот електроенергетски систем.

