Македонија, Србија, Грција и Бугарија ги забрзуваат енергетските коридори

Македонија, Србија, Грција и Бугарија ги забрзуваат енергетските коридори

Министрите за енергетика на Македонија, Србија, Грција и Бугарија идната недела во Србија ќе го одржат вториот министерски самит посветен на зајакнување на регионалната енергетска соработка, забрзување на инфраструктурните проекти и зголемување на сигурноста на енергетските системи. Средбата е продолжение на првиот самит одржан во Атина на 15 мај, каде што енергетската стабилност беше дефинирана како заеднички регионален приоритет.

Од средбата во Атина досега, дел од планираните иницијативи преминаа во фаза на реализација, со посебен фокус на двата гасни интерконектори на Македонија со Грција и со Србија. Проектот со Грција е со планиран почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри годишно и треба да заврши во 2027 година, додека за македонскиот дел од интерконекторот со Србија во септември беше потпишан договор за проектирање и изградба во вредност од 29,4 милиони евра.

Со реализацијата на овие проекти, Македонија по повеќе од три децении ја зајакнува својата позиција и прераснува во значаен транзитен коридор за природен гас, поврзувајќи ги јужните извори на снабдување преку Грција со пазарите во Централна Европа. Дополнителен чекор е и влезот на Македонија и Србија во Вертикалниот гасен коридор, по Меморандумот потпишан меѓу НОМАГАС и „Transportgas Srbija“ во септември, со што се овозможува подобро искористување на инфраструктурата и поголема флексибилност во прекуграничниот транспорт на гас.

Покрај гасната сфера, на самитот во Србија ќе се разговара и за модернизација на електроенергетските мрежи, интеграција на пазарите на електрична енергија, како и за складирање на енергија преку батериски системи и пумпно-акумулациони хидроелектрани. Со оглед на забрзаниот раст на соларните и ветерните капацитети во регионот, четирите земји ќе ги координираат чекорите за поголема флексибилност на мрежата и поефикасен пренос на произведената струја.