Во Кавадарци започна изградбата на новиот Младински културен центар, наменет за поттикнување на младинските иницијативи, креативноста, образованието и културните настани во општината. За почетокот на проектот информираше градоначалникот Митко Јанчев, оценувајќи го овој чекор како значаен момент за локалната заедница.
Новиот Младински центар ќе биде сместен на второто ниво од новопроектираниот деловно-трговски комплекс. Просторот ќе се протега на површина од околу 800 квадратни метри и ќе располага со посебен влез за посетителите.
Објектот е дел од поширок деловно-трговски комплекс чија вкупна површина ќе изнесува околу 6.000 квадратни метри. Со цел овозможување соодветен пристап и функционалност, комплексот ќе располага со 25 сопствени паркинг места, како и дополнително околу 40 паркинг места лоцирани непосредно пред самиот објект.
Целокупната инвестиција и изведбата на градежните работи за овој нов комплекс се во реализација на компанијата „Five Star Building“.

