Бројот на работниците во индустрискиот сектор во септември бележи намалување од 2,9 проценти во споредба со истиот месец од 2025 година, соопшти Државниот завод за статистика.
Најизразен пад на бројот на вработените е евидентиран во секторот Рударство и вадење камен, каде што е регистрирано намалување од 7,6 проценти. Во секторот Преработувачка индустрија бројот на работниците е намален за 2,9 проценти, додека раст од 1,5 проценти е забележан единствено во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Според главните индустриски групи, намалување на работната сила во септември, во споредба со истиот месец лани, е забележано во сите категории. Најголем пад од 4,5 проценти има кај групата Нетрајни производи за широка потрошувачка. Бројот на работниците во групата Енергија е намален за 1,6 проценти, кај Трајните производи за широка потрошувачка падот изнесува 1,7 проценти, додека кај Капиталните производи и Интермедијарните производи (освен енергија) е евидентирано намалување од по 2,7 проценти.
Негативниот тренд на вработеноста во индустрискиот сектор се одразува и врз кумулативните податоци за деветмесечниот период. Во периодот јануари-септември 2026, во споредба со истиот период лани, вкупниот број на работниците во индустријата е намален за 2,8 проценти.

