Царинската управа денеска го презентираше најновиот додаток во својата опрема - софистициран скенер за поштенски пратки, инсталиран во Царинската испостава Пошта.
Скенерот е опремен со вештачка интелигенција и ќе помага во борбата против шверцот на огнено оружје, дрога и експлозиви преку поштенски пратки.
Капацитетот за скенирање е стотици пратки во минута, користејќи ја вештачката интелигенција за прецизна детекција на забранети предмети.
„Скенерот за поштенски пратки е од големо значење во заедничката борба против тероризмот, спречување пролиферација на мало и лесно оружје и недозволената трговија со дрога.“ - истакна директорот Николовски.
Тој нагласи дека во Царинската испостава Пошта, каде што е поставен скенерот, годинава поминале над 100.000 пратки.
Овој скенер е донација од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал во рамки на проектот Хермес 2, чија цел е спречување пролиферација на огнено оружје и експлозиви преку поштенски пратки во земјите од Западен Балкан.
Николовски се заблагодари на UNODC, како и на земјите-донатори: Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка за нивната севкупна поддршка во борбата против организираниот криминал, потенцирајќи дека донацијата е силен доказ за заедничката посветеност на државите во справувањето со криминалот на меѓународно ниво.
Киро Цветков од UNODC истакна: „Еден од најчестите начини на криумчарење оружје е преку испраќање на нивни делови и компоненти во поштенски пратки. Со вградената вештачка интелигенција, скенерот става акцент на деловите и компонентите, препознавајќи ги и детектирајќи ги сомнителните пратки.“
Тој додаде дека институциите работат на измени на Законот за кривична постапка, кои ќе овозможат употреба на посебни истражни мерки, како што е симулирана достава, за делата поврзани со делови и компоненти на огнено оружје.
Директорот на АД Пошта, Орхан Куртиши, изрази посебна благодарност за обуката низ која поминале службите кои ќе работат на новиот скенер, нагласувајќи ја неговата важност за навремено откривање на пратки со забранети супстанци.