Народната банка потврди дека квалитетот и безбедноста на македонските златни резерви, кои се чуваат во Трезорот на Банката на Англија во Лондон, се на највисоко ниво.
Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, заедно со својот тим оствари работна посета на Трезорот како дел од вообичаените активности на централните банки за обезбедување највисоки стандарди на сигурност и безбедност при чувањето на монетарното злато.
Македонија располага со околу 6,9 тони монетарно злато, чија тековна пазарна вредност изнесува приближно 800 милиони евра.
Златото се чува во Трезорот на Банката на Англија во алоцирана форма, претставувајќи маркирани златни прачки кои во целост го исполнуваат строгиот стандард на пазарот на злато во Лондон (London Good Delivery Standard).
Овој стандард подразбира прачки со содржина на злато од најмалку 99,5% и тежина од околу 12 килограми.
За време на увидот, беше презентиран примерок од златните прачки во сопственост на земјата. Гувернерот и неговиот тим извршија визуелна проверка, при што беше потврдено дека примероците одговараат на сериските броеви и дека се со правилна форма, согласно утврдените стандардни спецификации.
Одлуката златото да се чува во Банката на Англија е донесена уште во 2010 година, поради сигурноста и флексибилноста што ги нуди инфраструктурата на оваа централна банка, како и пристапноста до пазарот на Лондон, кој е најголем пазар со злато во светот.
Банката на Англија се грижи за над 400.000 златни прачки вредни милијарди фунти, чувајќи ги под највисоки безбедносни стандарди за владите, централните и првокласните странски деловни банки ширум светот.
Народната банка истакна дека поради исполнувањето на високите стандарди и пристапноста до учесниците на пазарот во Лондон, ова злато може да се искористи за остварување дополнителни монетарни приходи.
Тоа би можело да се реализира преку пласмани на краткорочни депозити и склучување трансакции со злато со првокласни странски банки, особено при поволни пазарни услови и покрај неговата значителна ценовна апрецијација.