Предупредување од Бигорскиот манастир: Се злоупотребува името на манастирот за продажба на лажни лекови

Предупредување од Бигорскиот манастир: Се злоупотребува името на манастирот за продажба на лажни лекови

Бигорскиот манастир објави демант и предупредување до јавноста по повод појавата на лажни интернет-страници и спонзорирани објави на социјалните мрежи, кои го злоупотребуваат името и угледот на манастирот и монашкото братство за продажба на сомнителни медицински препарати.

Братството јавно реагираше откако измамници почнаа лажно да тврдат дека монасите од манастирот наводно измислиле или произведуваат чудотворни лекови и масти за зглобови и коски, наведувајќи го препаратот „BoneControl“.

Од манастирот изјавија дека немаат никаква поврзаност со овие производи. Братството нагласи дека тие не произведуваат, не рекламираат и не продаваат ваков вид на медицински препарати.

Од Бигорски нагласуваат дека станува збор за класична интернет измама, чија цел е финансиски профит преку манипулација со довербата што верниците ја имаат во Црквата.

Граѓаните се предупредуваат да не ги оставаат своите лични податоци (име, адреса, телефон) на овие сомнителни веб-страници. Овие лекови се со непознато потекло и состав и можат да бидат опасни по здравјето.

Единствените автентични производи на манастирот може да се најдат исклучиво во манастирската продавница или преку нивните официјални канали за комуникација.

Од Бигорскиот манастир најавија дека за оваа злоупотреба ќе бидат известени и надлежните органи за компјутерски криминал.

Следете ги најновите вести на Viber