Србија пред енергетски предизвик: САД не ја продолжија лиценцата за снабдување на НИС со нафта

Србија пред енергетски предизвик: САД не ја продолжија лиценцата за снабдување на НИС со нафта

Србија се соочува со сериозни енергетски предизвици откако Владата на САД не даде зелено светло за лиценца која е клучна за продолжување на снабдувањето со нафта за рафинеријата во Панчево.

Рафинеријата е дел од Нафтената индустрија Србија (НИС), во која мнозински сопственик е рускиот „Гаспромнефт“.

Ова го соопшти претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по состанокот со тимовите задолжени за енергетската стабилност и безбедност на земјата.

Иако српската страна очекуваше позитивен одговор, сепак тој изостана. Претседателот ја истакна обврската да се прифати оваа одлука како факт, иако изрази неразбирање за неа.

Вучиќ нагласи дека ситуацијата е резултат на геополитичките интереси. Дополнителен проблем е ставот на руската страна која не сака да го продаде НИС, што според Вучиќ е исклучиво политичка одлука и нивно право.

Вучиќ потсети дека од воведувањето на санкциите поминаа 54 дена. Тој изрази задоволство што граѓаните не забележале никакви проблеми во снабдувањето со гориво, што го оцени како доказ за одговорноста и сериозноста на државата.

Србија ќе има доволно гориво до крајот на јануари. Доколку дотогаш не се најде одржливо решение во преговорите, Вучиќ најави дека средината на јануари ќе биде последен рок за решавање на оваа ситуација.

Следете ги најновите вести на Viber
Србија пред енергетски предизвик: САД не ја продолжија лиценцата за снабдување на НИС со нафта