Зачестени кражби на стока и измами со фантом-фирми кај македонските превозници

Зачестени кражби на стока и измами со фантом-фирми кај македонските превозници

Здружението на превозници „Макамтранс“ упати сериозно предупредување до своите членки и до пошироката јавност поради зачестените случаи на кражби на стока и софистицирани измами во меѓународниот патен транспорт.

Од здружението апелираат на максимална претпазливост при договарањето на зделките преку интернет-берзите, бидејќи криминалните шеми стануваат сè потешки за откривање и нанесуваат огромни финансиски штети.

Според информациите од теренот, македонските компании сè почесто се соочуваат со лажни организатори на транспорт и фантом-фирми. Измамниците најчесто користат лажни регистарски таблички и фалсификувана документација за да докажат дека се легално регистрирани правни субјекти.

Откако ќе ја преземат стоката, на возилото и на превозникот им се губи секаков траг. Стоката најчесто се растовара на лажни адреси, а нарачателите на превозот остануваат и без стоката и без можност да го наплатат самиот транспорт.

Од „Макамтранс“ предупредуваат дека дополнителен проблем се хакираните профили на реномирани фирми на транспортните берзи, преку кои измамниците ја злоупотребуваат довербата на долгогодишните партнери.

Втората голема опасност со која се соочуваат возачите се кражбите на стока за време на задолжителните паузи и одмори, дури и на места кои важат за безбедни паркинзи. Крадците користат високософистицирана опрема со која ги манипулираат GPS системите, па така кај сопствениците не стигнува сигнал дека вратите на товарниот простор се отворени. Пломбите, шепите и бравите на вратите остануваат целосно неоштетени, а дека дел од стоката ја нема, превозниците дознаваат дури при крајниот истовар или при вонредна контрола.

Посебен аларм е вклучен за транзитот низ Република Србија. Доколку српските власти при рутинска контрола утврдат дека во возилото недостига дел од стоката заведена во документите, следува итна заплена на камионот. Возилото се задржува сè додека не се докаже каде е извршена кражбата, бидејќи надлежните органи таму претпоставуваат дека украдената стока завршила на нивниот пазар и бараат наплата на високи фискални давачки.

За да се избегнат ваквите несакани сценарија, од „Макамтранс“ препорачуваат темелна проверка на бонитетот на секој нов деловен партнер пред да му се даде довербата. Исто така, се советува користење на фабричките безбедносни системи на приклучните возила кои попрецизно го бележат секое отворање на вратите и не можат лесно да се манипулираат.

Возачите се советуваат да прават видеоснимки од камионот и околината пред да започнат со одморот и внимателно да проверуваат дали камерите на паркинзите се воопшто во функција. Од здружението заклучуваат дека во овие тешки времиња најмногу профитираат измамниците, поради што најсигурна опција останува меѓусебната соработка на домашните превозници и корисници на транспорт.

Асоцијација (08 април 2026)