Се зголемува бројот на студенти на универзитетите, најголем интерес има за медицинските насоки

Се зголемува бројот на студенти на универзитетите, најголем интерес има за медицинските насоки

Во академската 2025/2026 година на првиот циклус студии на високообразовните установи во земјава се запишале вкупно 55.036 студенти. Најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат позитивен тренд и зголемување на вкупниот број студенти за 2,8% во споредба со претходната академска 2024/2025 година.

Статистиката потврдува дека девојките и понатаму доминираат во високото образование. Од вкупниот број запишани студенти, дури 32.957 се студентки, што претставува висок процент од 59,9 %.

Здравството убедливо на прво место

Кога станува збор за изборот на професија, најголем интерес има за медицинските и социјалните науки. Во академската 2025/2026 година, убедливо најмногу студенти – дури 14.088, одбрале да го продолжат своето образование во областа Здравство и социјална заштита, што ја прави оваа насока најпопуларна во земјава.

Државните факултети остануваат прв избор за огромно мнозинство од младите. На државните високообразовни установи се запишале 77,8% од студентите, додека преостанатите 22,2% се одлучиле да студираат на некој од приватните факултети.

Бруцошки индекс: Во прва година на студии во оваа академска година се запишале вкупно 16.212 студенти (процент од 29,5% од вкупниот број, каде што се пресметани и оние кои презапишуваат година). Сепак, чистата бројка на бруцоши кои за првпат седнале во студентските клупи изнесува 14.995.

Асоцијација (01 јули 2026)