Управата за јавни приходи (УЈП) ги објави резултатите во наплатата на јавните приходи за првата половина од оваа година. Во периодот јануари–јуни, во државната каса по основ на даноци и придонеси се слиле вкупно 2 милијарди и 271 милиони евра. Оваа сума има раст од 231,8 милиони евра во споредба со истиот период минатата година, што според надлежните е директен доказ за засилената економска активност и повисоката даночна дисциплина во земјава.
Гледано по структури, во првите шест месеци даночните приходи бележат пораст од 14,9%, додека приходите од социјални придонеси се повисоки за 7,6% во однос на лани. Статистиката на УЈП особено го издвојува месец јуни, кој завршил со голем скок – наплатата на даноците во овој месец пораснала за дури 41,6%, додека кај социјалните придонеси е забележан раст од 12% во споредба со јуни минатата година.
Данокот на добивка и личниот доход во незапирлив раст
Бизнис секторот покажува сериозна виталност, што се рефлектира и преку данокот на добивка. По овој основ во првото полугодие се наплатени 224,5 милиони евра, односно 14,5% повеќе од лани. Овој кумулативен раст во апсолутен износ е речиси 17 пати поголем од растот што беше остварен во првиот дел од 2025 година. Дополнително, во месеците март и април годинава е реализирана највисоката месечна наплата на данокот на добивка во последните пет години, што се должи на подобрените финансиски биланси на компаниите.
Позитивен тренд и натамошна стабилизација има и кај данокот на личен доход, каде што се наплатени 285,2 милиони евра, бележејќи континуиран месечен раст и вкупно зголемување од 11,7%. Најголем прилив е евидентиран кај доходот од работа (особено договори на дело и авторски права), закупнини, капитални добивки и игри на среќа. Јуни се покажа како рекорден и во оваа категорија со месечен раст на наплатата од 20,8%.
ДДВ со силен прилив и покрај олеснувањата за горивата
Најголемиот буџетски полнач, Данокот на додадена вредност (ДДВ), во првите шест месеци од годинава донесе прилив од 703,4 милиони евра, што е за 16,4% повеќе во споредба со истиот период лани. Ова темпо на раст е дури шест пати побрзо од динамиката забележана во истиот период претходната година. Карактеристично е што овој висок резултат е остварен и покрај тоа што во дел од годината се применуваа намалени стапки на ДДВ за нафтените деривати. Од УЈП објаснуваат дека тоа значи дека растот се должи на реално проширена даночна база и зголемен промет во земјата и увозот, а не на дополнително даночно оптоварување на граѓаните.
Одлични резултати се евидентирани и во фондовите за социјално, пензиско и здравствено осигурување, каде што по основ на социјални придонеси се инкасирани 1 милијарда и 57,7 милиони евра. Од даночната администрација порачуваат дека овие бројки се јасен сигнал за економска стабилност, кои гарантираат редовно и навремено сервисирање на сите буџетски обврски кон здравството, образованието и социјалната заштита.







