Министерот за транспорт Александар Николоски и извршниот директор на авиокомпанијата „Визер“ денеска на прес-конференција најавија воведување на пет нови авиолинии од меѓународните аеродроми во Скопје и Охрид.
Како што истакна министерот Николоски, се воведуваат три нови линии од Охрид и две од Скопје.
Од охридскиот аеродром се воведуваат следниве дестинации:
- Катовице, Полска — од 28 јуни 2026 година.
- Вроцлав, Полска — од 28 јуни 2026 година.
- Милано (Малпенса), Италија — од 28 јуни 2026 година.
Од скопскиот аеродром се додаваат две нови линии:
- Наполи, Италија — од 6 април 2026 година.
- Будимпешта, Унгарија — од 6 април 2026 година.
Освен новите линии, „Визер“ најави и зголемување на капацитетот на скопскиот аеродром. Авиокомпанијата ќе донесе шест авиони кои трајно ќе бидат стационирани во Скопје, со можност бројот да се зголеми на седум или осум во иднина. Ова е значајно зголемување од досегашните четири авиони.
„Визер“ исто така ќе ги замени постојните авиони Airbus A320 со најновиот модел Airbus A321neo. Новите авиони се најмодерни во светот, со помало загадување и помала бучава, а имаат и поголем капацитет од 239 седишта, наспроти 180-те на претходните модели.
Ова ќе значи зголемување на капацитетот на скопскиот аеродром за околу 50%, нудејќи вкупно 3,3 милиони седишта.
Дополнително, бројот на вработени во „Визер“ во Македонија, кој моментално изнесува околу 200 лица, се планира да се зголеми за најмалку уште 100.