Сузбиена криминална група: Проневериле над 2,2 милиони евра преку технички преглед и осигурително брокерско друштво

Сузбиена криминална група: Проневериле над 2,2 милиони евра преку технички преглед и осигурително брокерско друштво
Сподели:

Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со Единицата за брзо распоредување и под раководство на ОЈО за ГОКК, сузбија шестчлена криминална група која преку финансиски малверзации проневерила над 2,2 милиони евра.

Секторот за криминалистички истраги поднесе кривични пријави против шест физички и три правни лица за кривичните дела „проневера во службата“, „перење пари“ и „несовесно работење во службата“. При извршените претреси на повеќе локации во Скопје се лишени од слобода три лица (С.С., Ш.С. и З.Ѓ.), а одземени се девизни и денарски парични средства, мобилни телефони и две патнички моторни возила.

Според полициските сознанија, шемата функционирала во периодот од 2021 до почетокот на 2026 година преку станица за технички преглед во селото Кучевиште и поврзано осигурително брокерско друштво. Сопственикот на станицата, заедно со раководителот, доставувал лажни извештаи до државните институции за наплатените надоместоци при регистрација на возила. На место на сметките на надлежните органи, сите надоместоци незаконски се сливале на сметката на брокерското друштво, по што паричните средства биле префрлани меѓу сметки, мешани со редовни приходи преку позајмици и користени за купување недвижности.

Во финансиската измама учествувала и помошник-директорка за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), која наместо да врши надзор и проверка на извештаите, го известувала раководителот за наплатените износи, овозможувајќи проневера на над 48,4 милиони денари наменети за патна такса. За прикривање на реалната финансиска состојба помагал и овластен сметководител, кој во сметководствената документација и годишните сметки евидентирал невистинити податоци.

Со овие дејствија, пријавените се стекнале со противправна имотна корист од вкупно 138.877.419 денари (околу 2.258.000 евра). Освен на ЈПДП, нанесена е директна материјална штета и на Буџетот, Црвениот крст, Министерството за животна средина, како и на општинските буџети по основа на комунална такса.