Во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов - Џинот“ во Велес се одржа свечена академија по повод 80 години од основањето на Ловечката федерација на Македонија. На настанот се обрати министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, кој истакна дека од вкупно 268 востановени ловишта во државата, во постапка за доделување на користење остануваат уште 21, со што целосно се утврдува одговорноста за управување и одржување на секој ловен реон.
Корисниците на ловиштата преземаат конкретни обврски за заштита на дивечот, унапредување на живеалиштата и организирање на функционални ловочуварски служби. Министерот упати јасна порака дека нема да има компромис со ловокрадството, нелегалната трговија со дивеч и криумчарењето трофеи, нагласувајќи дека институциите и ловечката заедница ќе дејствуваат заеднички за санкционирање на сите незаконитости.
Посочувајќи ја Ловечката федерација како клучен економско-социјален партнер на Министерството кој обединува над 20.000 ловци, Серафимовски најави нови иницијативи за современо следење на дивечот, стручни обуки за ловочуварите, спречување болести кај животните и развој на одржлив ловен туризам. За оваа намена ќе се користат и финансиски инструменти од европските и регионалните програми.
На свеченоста присуствуваа и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, градоначалникот на Општина Велес Марко Колев, претседателот на Ловечката федерација Влатко Алексовски, како и бројни претставници на ловечките друштва, ловци и ловочувари од целата земја.

